НАСТАВЕН ЧАС ЗА АУТДОР СПОРТОВИ ВО ПРИЛЕП - PRILEP - THE HEART OF ADVENTURE
Форумот за авангардна креативност(ФАК) заедно со Сојузот на училишен спорт, спортско-качувачкиот клуб Златоврв, клубот за екстремни спортови Скај рајдерс и учениците од основните училишта Кочо Рацин, Кире Гаврилоски, Блаже Конески, Рампо Левката, Добре Јованоски и Гоце Делчев реализираа наставен час за аутдор спортови во Прилеп.
Часот се одржа во просторијата на киното Мис Стон, а истиот вклучуваше презентација на спортовите: планински велосипедизам, даунхил, алпинизам, болдеринг и параглајдинг при што беше изложена и целокупната потребна опрема за практикување на овие спортови во природа. Презентери беа професорите по спорт и спортски активности Златко Спиркоски, Христо Белакапоски и Здравко Ристески, а предавањата беа поткрепени со видео материјал.
Целта на ова интересно дружење е учениците да се запознаат со овие адреналински спортови кои се активни на територијата на Прилеп и земаат се поголем замав привлекувајќи учесници од многу земји и да се предизвика интерес кај најмладите за активност во природа.