ПЕШТЕРИ ВО ОПШТИНА ПРИЛЕП
На територијата на општина Прилеп се откриени и истражени повеќе пештери, од кои како позначајни се издвојуваат Мелничка Пештера, Провалата, Карши Подот, Голем Козјак, Живовска Пропаст, Рамниште и Дуова Пештера.
Мелничка Пештера 1 е најдолгата, со лавиринтски пештерски каналиво должина од 700 m. Во нејзина близина се наоѓа, веројатно најзначајната пештера во Македонија, пештерата Провалата. Иако релативно мала по димензии, таа е единствената пештера во Македонија чии канали делумно се формирани од сулфурна киселина, при што како последица во пештерата се формирани гипсни украси. Мелничка Пештера и Провалата се фосилни, а пештерата Карши Подот е активна термална пештера, единствена од овој тип во Македонија. Дуова Пештера е интересна хоризонтална пештера непосредно под врвот Козјак (1745 m). Пештерата Рамниште е најпознатата пештера во околината на Прилеп, често осветлувана за посета, со карактеристични црно-бели украси (сталактити, сталагмити и сливови). Пештерите се отворени за туристички посети, а Спелеолошкиот клуб Златоврв од Прилеп располага со обучени водичи, како и опрема за изнајмување.