СВ. ПРЕОБРАЖЕНИЕ - ЗРЗЕ
ЦРКВИ И МАНАСТИРИ
Комплексот цркви во манастирот Зрзе е составен од црквата „Св. Преображение“ подигната во XIV век и црквата „Св. Петар и Павле“ подигната во XVII век. Концепцијата на основата на целиот црковен комплекс, заедно со темелните ѕидови на јужната страна од црквата „Св. Преображение“ ни даваат за право да тврдиме дека црквите се подигнати врз темелите на ранохристијанска базилика. Првобитната црква е еднокорабна градба засводена со полуобличест свод, на чија западна страна е подигната припрата живописана во 1369 година. Тремот е изграден во времето на подигањето на црквата „Св. Петар и Павле“.
Непосредно над селото Зрзе на мало возвишување, на терен во пад се наоѓа црквата „Св. Никола“. Точниот датум на изградба на црквата не може со сигурност да се потврди, иако се знае дека тоа се случило пред 1459 година. Пред 1535 година во продолжение од северната страна е дограден параклис, а во XVII век и двата простори од западна страна добиле припрата. Црквата е живописана од сликарот Онуфрие во 1535 година, а фрески добиле и олтарниот простор во параклисот и западниот ѕид од црквата од надворешна страна. Меѓу најпознатите сликари во XIV век се наоѓаат браќата Јован Зограф и Јеромонах Макариј кои изработувале икони во манастирот Зрзе. Познато дело на Макариј е Богородица Пелагонитиса.