СВ. АТАНАСИЕ
ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО ВАРОШ
Непосредно, десно над патот кој води кон манастирот Св. Архангел Михаил, се наоѓаат остатоците од некогашната средновековна црква Свети Атанасие. За неа не се сочувани никакви историски податоци, ниту пак, натписи на самата црква. Црквата има правоагoлна основа со впишан крст и купола (денес срушена), носена од четири монолитни столбови, од кои се сочувани само два на источната страна. Градена е во комбинација од делкани блокови од бигор и тули, карактеристична градба за XIV век. На источната страна завршува со тристрана апсида, расчленета со голема бифора. Во горниот дел целосно е срушена, а од живописот не е зачуван ни еден фрагмент.